Асоцијација на советници за развој на кариера – АСК е основана од група ентузијасти – професионалци кои во 2009/2010 ја посетуваа сертифицираната програма за обука на советници за развој на кариера, развиена од NBCC од САД, а под името Global Career Development Facilitator (GCDF).

Програмата беше организиранa од Carana/ Моја Кареира проектот за конкурентност, а финансирана од USAID. Како резултат на програмата, околу 25 професионалци од разни области (образование, тренинг центри, консултантски куќи итн.) се здобија со вредни теоретски и практични знаења во доменот на кариерното планирање и развој. Овие вештини, поддржани од практичното искуство кое советниците го имаат од својата долгогодишна работа на полето на човечките ресурси се од голема важност за сите потенцијални корисници на услуги за кариерно советување и развој. Во АСК членуваат и сертифицирани GCDF тренери, кои се овластени да обучуваат и сертифицираат кариерни советници според GCDF програмата, во соработка со организацијата Моја Кариера.

Членовите на АСК ја препознаваат важноста за стручната помош во планирањето и развојот на кариерата на индивидуално и организациско ниво. Преку својата работа, советниците за развој на кариера помагаат вистинскиот човеков потенцијал да дојде на вистинските работни места, со што добиваат и поединците и општеството во целина.

Асоцијацијата со своето членство поседува огромен капацитет земајќи го во предвид нивото и професионалноста на своите членови кои имаат огромно професионално искуство од областа на кариерното советување и човечките ресурси. Основачи и членки на управниот одбор на АСК се сертифицираните GCDF советнички: Наташа Ивановска, Жаклина Гештаковска-Алексовска, Мирјана Пехчевска-Поп-Илиева, Ивана Дојчиновска-Стојановиќ, Биљана Велевска, Афродита Кермичиева-Пановска, Христина Џамбазовска и Елена Катлановска.

Претстои процес на формална регистрација на членови кои сакаат да се придружат кон активностите на асоцијацијата.